Захариева: Нема бугарин кој би го чествувал Гоце Делчев на 7 октомври

Нема Бугарин кој би го чествувал Гоце Делчев на 7 октомври, е ставот на бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева на денешната прва средба од ваков тип меѓу неа и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, пренесуваат бугарските медиуми.

Се наметнува дилемата дали ова би претставувале нова кочница за почеток на преговорите за влез на Македонија во ЕУ, но овој пат од Бугарија.
Делото на Гоце Делчев може да биде мост, што ќе ја поврзе историјата со денешнината на Бугарија и Северна Македонија, изјавил Димитров, кој ја предводи владината делегација на средбата во Софија, пишува БНР.

Вицепремиерката и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева дополни дека Гоце Делчев е една од личностите, што треба да не обединуваат, а не да не делат.

Таа изрази надеж дека до крајот на годинава експертската комисија од двете држави, која работи на историските прашања, успешно да ја заврши работата.
Од македонското МНР пак информираат дека Министерот за надворешни работи Димитров на состанокот во Софија уште еднаш ја нагласил важноста на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка на двете земји.

„Договорот за пријателство, добрососедство и соработка претставува темел на мостот кој треба да не зближи. Процесот на преминување на истиот е долг, може да помине време, но со сигурни и стабилни чекори на другата страна ќе не дочека пријател“, порачал Димитров.

Од друга страна, бугарските дипломати притискаат мешовитата комисија да ги прифати безмалку сите барања од бугарската страна, а во спротивно работата на комисијата би била бесмислена. Во денешниот текст во „Факти” поранешен бугарски амбасадор во Загреб, Велизар Енчев бара Бугарија под итно да го прекине своето учество во комисијата и следејќи го примерот на Грција да постави свои услови за членството на Скопје во ЕУ.

Според Енчев, тргувањето со националните интереси не е од вчера, но кога трговците се владејачки партии, кои претендираат на монопол врз патриотизмот, тогаш, како што вели, штетите се тешки, а понекогаш и непоправливи.

Мери Ѓорѓиевска