Затворено хируршкото одделение во Струга-половина персонал заболен од морбили

Нема операции, ниту пациенти на болничко лекување во струшката болница. Морбилите ставија клуч на врата на хируршкото одделение, бидејќи половина од хирурзите и медицинските сестри се заразиле со мали сипаници. Поради ова, комисијата за интерхоспитални инфекции во болницата одлучила да се затвори одделението на десет дена. Итните случаи ќе се праќаат во болницата во Охрид, или во скопските клиники.

Бројот на вкупно заболени од стартот на епидемијата во Струга е 126.
Морбилите на ниво на држава непрекинато се шират. На неделно ниво, се регистрираат над 100 заболени. Минатата седмица се забележа највисока бројка на заразени од стартот на епидемијата – 134.

За разлика од претходно, кога повеќе се заразуваа деца, сега поголем е бројот на возрасни над 30 години што заболуваат од морбили.

Во метрополата ситуацијата е речиси ставена под контрола бидејќи поголем дел од населението е имунизирано. Загрижува состојбата во внатрешноста, каде мал е процентот на вакцинирани со МРП.

Епидемиолозите постојано апелираат сите невакцинирани да се вакцинираат, оти друг лек за ова заразно заболување, нема.

Сања Трајковска Ставров