Затвореник во Идризово за Алфа: Нека види цела Македонија и цела Европа каде издржуваме казна!
Ѓубре, искинати алишта, медициски отпад – ваква е состојбата на влезот на амбулантата во затворот Идризово. Затворениците реагираат дека наместо да се излечат може само да се заразат во вакви простории.
Затвореник од првото крило во најголемиот затвор во Македонија, кој сака да остане анонимен, се пожали и испрати видео до редакцијата на Алфа, каде се гледа очајната состојба во амбулантата каде затворениците треба да се лекуваат. Тој тврди дека лекар и сестра немаат постојано на располагање, а докторката им ги препродава лековите кои треба бесплатно да ги добиваат.
- „Нека види цела Македонија и цела Европа каде ние осуденици издржуваме казна. Ова го нема никаде во светот. Овој е влезот во здравствената амбуланта каде што треба да не лечат, нас не лечат во депонија, има само една докторка, која ретко е на работа. И едвај не прима, терапија немаме никаква! Прават бизнис со терапијата, докторката има своја шема и преку затвореници ја препродаваат за кеш пари. Криминалем систем, немаме никакви услови, сега сме 8 луѓе во една ќелија. Ова го нема ни во депонија, а не во затвор“ вели затвореникот кој не контактираше.
Директорот на Идризово, Зоран Јовановски потврдува дека затворот кубури со медицински персонал, а вели често Фондот за здравство, ниту навремено ниту во целост им ги испорачува потребните лекови за затворените. Во моментов, директорот признава дека наместо 24/7 има еден доктор и една сестра кои работат по само 8 часа. Јовановски ги демантира тврдењата дека докторката во Идризово им препродава лекови на затворениците.
Ова не е прв пат изминативе години затворениците во Идризово да се жалат на очајната состојба и недостигот на лекови кои ги оддржуваат во живот. Пред две години биле вложени пари за реновинарање на затворската амбуланта досега не било направено ништо.
Иако беше ветено дека ќе се вработат доктори и медицински сестри и затворениците и притворениците ќе добијат похумани услови за лекување, тоа се уште не е реализирано. Со години затворениците чекаат и психолог и психијатар.
Викторија Миткова