Застој во откупот и неизвесна судбина на преспанските јаболка

Сосема неизвесна е судбината на преспанските јаболка од ланската реколта поради големите залихи на индустриско и трпезно јаболко. Овие денови има застој во откупот, иако овоштарите се во трка со времето поради високите температури. Екипата на АЛФА- ТВ денеска беше во откупниот пункт во Царев двор, каде што јаболката лежеа на отворено, а камионите беа паркирани.

  • Во монетов имаме одреден застој заради одредени празници во Ирак и не се откупува трпезното јаболко, а поради презаситеност на пазарот во Бугарија каде се пласира индустриското јаболко и таму имаме пауза од неколку дена. И сериозни држави со голема мобилност на возила и техника оваа количина да се однесе до одредена позиција, тешко би го направиле, а камоли ние кои сме доведени во судир со високите температури и количините што ги имаме назад – рече Љубе Пампулевски, претседател на Здружението на преспанските овоштари.

Откупните цени во моментовов се многу ниски и за индустриските и за трпезните јаболка.

-Сега се многу ниски скоро и никакви, на денар се откупува до денар и пол, па дури и пола денар. Залихи, од планираното пола се останати – рече Пере Транталовски, овоштар од Ресен.

  • Ситуацијата во Преспа е уште полоша, а количината на индустриското јаболко ќе стаса до 50.000 тони. Проблем е дали ќе се откупат или ќе се фрлаат повторно на депонија, а тогаш ќе имаме и еколошко загадување – рече Менде Ивановски, претседател на работната група на овоштарите што преговара со институциите.

Оваа состојба со неизвесна судбина на реколтата, покрај дефицитот на ладилници, го отвора и другиот многу поголем проблем, при вакво производство немањето на преработувачки капацитет, кој би можел да го прифати прозиводството со ослободување од транспортни трошоци и создавање на многу поголем профит. Некогашната најмодерна фабрика, сега пропаѓа во Царев двор.

Фабриката за производство на сокови во Царев двор е еден од белите слонови, пропаднатаи преработувачки капацитети што ги однесе виорот на транзицијата во нашата држава. Меѓутоа, преспанските овоштари не ни можеа да замислат дека ќе им биде потребен како лебот, особено во вакви услови кога даваат огромни пари за транспортни трошоци, кога нивните реколти пропаѓаат во овоштарниците и кога судбината на финалниот производ кој може да донесе многу профит е една далечна и сосема неизвесна иднина.

Петар Стефановски