Засилено обезбедувањето: Штипскиот матурант кој се закануваше на Инстаграм нема да доаѓа на настава до 18 мај

Нормално се одвива наставата во штипската гимназија „Славчо Стојменски„ откако завчера матурант на својот профил на „Инстаграм„ објавил заканувачка порака, во која како што тврдат ученици кои успеале да ја прочитат, ја протолкувале дека е во план да ги повтори србските црни сценарија. Ваквата објава го вклучи алармот. Во текот на вчерашниот ден итно е свикан Наставнички совет,како и вонредна родителска средба. Директорот на училиштето, Марјан Арсов, за Алфа вели дека од денес е засилена безбедноста во училиштето.
-Технички персонал го контролира влезот и излезот во зградата. Донесено е одлука матурантот да не доаѓа на училиште до 18мај, а што се однесува до барањето на дел од учениците истиот да не се појави на матурската вечер, засега е се уште рано да се одговори, објаснува Арсов.
Поради објавата матурантот е задржан во полициска станица 24часа. Извршен е претрес во неговиот дом, како и разговори со пријавениот, неговото семејство и соучениците, информираат од Обвинителството. Во соопштението се наведува дека се преземаат повеќе дејствија за проверки со цел да се испита дали пораката која во основа не содржи изречени директни закани упатени кон некого, би требало да се протолкува дека имало заканувачка намера.
Завчера средношколци откако ја виделе објавата на матурантот веднаш алармирале кај професори, посочувајќи им дека истиот пишувал дека ќе донесе пушка во училиштето и ќе ги повтори белградските сценарија.
Александра Ристевска