Заразата со морбили се стишува, но не исчезнува

И по шест месеци, не се гледа крајот на епидемијата на морбили. Иако се намалува ширењето на ова заразно заболување, сепак, проблемот останува, оти освен во Скопје, каде веќе се вакцинирани 96 отсто, во внатрешноста, сè уште е низок процентот на имунизирани.

-Минатата недела има регистрирано 10 случаи, од кои 7 во Скопје, а останатите во Куманово. Радува фактот што имунизацијата е 98,6 проценти, но за жал, не можеме да го кажеме истото и за останатите градови во земјава, изјави епидемиологот д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.

Поради епидемијата, Светската здравствена организација (СЗО), препорача сите граѓани што имаат намера да патуваат надвор од земјава, две недели пред заминување, да примат вакцина, или да докажат дека се имунизирале претходно, со приказ на вакцинален картон. Епидемиолозите велат дека ова е добра мерка и треба да се почитува оти само така може да се спречи „меѓународно ширење“ на мали сипаници.

-Тоа е во ред и треба да се практикува, а секоја земја сака да се заштити, поради тоа и треба да се следат препораките, со цел заболувањето што е заразно да не се прошири и во други земји, вели Караџовски.

Од почетокот на епидемијата до сега, регистрирани се 1984 случаи, а поради компликации од морбили починаа четири дечиња.

Крај на епидемијата ќе се означи откако две недели нема да има ниту еден заразен.

Сања Трајковска Ставров