Започнува Интерфест, но со финансиски проблеми

Вечерва во големата сала на Центарот за култура во Битола, со целовечерен концерт на виолинистката Ајман Мусакаџајева од Казакстан и Македонската филхармонија под дирегентската палка на Борјан Цанев, се отвора дваесет и седмото издание на Интернационалниот фестивал на класична музика “Интерфест 2018“. Сепак, финансиските проблеми лебдат над фестивалот бидејќи Министерството култура го финансира со 27.000 евра, а Општината Битола како домаќин, само со четири илјади евра.

-Веќе 27 години чекаме Битола да застане зад овој фестивал. Општината помага со мали средства, со 250. 000 денари, но тоа се малку средства, ако ви кажам дека на еден уметник хонорарот му е 4.000 евра – рече Кирил Рибарски, директор на “Интерфест“.

Поради ваквите состојби, најголем проблем е одржувањето на Државниот пијано натпревар, единствен од ваков вид кај нас.
-Имаме најголем проблем со натпреварот во пијано што никој не сака да го поддржи иако Пијано натпреварот за пијанисти е единствен во Македонија – рече уметничкиот директор Милица Шперовиќ Рибарски.

Без оглед на финансиските проблеми, учествуваат врвни репродуктивни уметници од дванаесет држави, а годинешниот “Интерфест“ со 15 концерти и рецитали, изложба и сценска изведба, ќе трае од денеска до 12 октомври.

Петар Стефановски