Започна со производство најголемата соларна електрана на ГЕН-И во Македонија

Започна со производство најголемата соларна електрана на ГЕН-И во Македонија. Новата соларна електрана е чекор напред кон енергетска независност, развој на зелената економија и подобар животен стандард, изјави премиерот Димитар Ковачевски по повод отпочнувањето со работа на 17 мегаватна соларна електрана – кумулативно најголемата фотоволтаична електрана во земјата, лоцирана во Свети Николе, Амзабегово.

Електраната се состои од 31.772 сончеви панели на површина од 300.000 квадратни метри со 17 мегавати номинална инсталирана моќност. Предвиденото производство е 25.000 MWh зелена енергија годишно, што би можела да снабдува над 5.500 домаќинства.

  • Важноста на инвестициите во зелена енергија и намалувањето на зависноста од фосилните горива во денешно време се поочигледни од кога било. Мило ми е што ГЕН-И е во првите редови во овој сегмент, не само во Словенија туку и на меѓународно ниво. Македонија секогаш беше важен пазар за нас и со оваа инвестиција се поврзуваме уште повеќе. Исто така, ова е значајна пресвртница за компанијата, покажувајќи ја нашата волја да ја водиме зелената трансформација и способностите за реализација на проекти за обновливи извори на енергија од големи размери. Благодарни сме на сите вклучени страни кои помогнаа овој проект да биде успешен”, изјави Игор Копривникар, претседател на управниот одбор на Групација ГЕН-И.

Премиерот му се заблагодари на менаџментот на ГЕН-И затоа што ја избрал Северна Македонија за нивната инвестиција. Рече дека Северна Македонија е угледна и почитувана земја кога станува збор за странски директни инвестиции.

  • Оваа фотоволтаична централа со големина од 17 МВ капацитет е најголемата фотоволтаична централа во државата. Директорот на ГЕН-И не кажа уште една работа, оваа централа е поголема од сите централи кои што се направени во Словенија. Ако ја однесете поединечно во Словенија, тогаш оваа централа ќе биде поголема. Тоа е затоа што Македонија е земја на сонцето. Тоа го препознава ГЕН-И сонце, тоа го знае и оваа Влада. Ова е начинот на кој треба да се инвестира во обновливи извори на енергија. Тоа значи работа за наши инженери, работа за наши техничари, работа за сите оние кои ќе ја користат таа електрична енергија“, рече Ковачевски.

Групацијата ГЕН-И е присутна на повеќе од дваесет европски енергетски пазари на големо, има водечки пазарен удел на словенечкиот пазар за снабдување и напредни услуги што ја поддржуваат дигиталната зелена трансформација на енергетскиот систем и општеството.

Advertisements