Започна Неделата на ирански филм во Скопје

Со проекција на филмот „Децата на Рајот” од режисерот Маџид Маџиди започна Неделата на ирански филм во Скопје. На свеченото отворање, кое се одржа во Кинотеката на Македонија, присуствуваше и амбасадорот на Исламската Република Иран во Скопје, Хусеин Карими, претставници на амбасади и љубители на филмот.

Иранскиот амбасадор, во чија организација се и проекциите, изрази уверување дека историските и културните корени меѓу македонскиот и иранскиот народ се многу слични. Вели дека неговиот народ е заинтересиран за македонската култура, а луѓето во Македонија се заинтересирани за иранската уметност.

  • Според начинот на реализирање на филмовите, иранската кинематографија успеа на светот да му претстави нов стил на создавање филмови, кој беше засакан од љубителите на филмската уметност во светот. Се надеваме дека со организирањето на неделата на филмот, македонските граѓани ќе имаат можност да се запознаваат повеќе со иранскиот филм, изјави амбасадорот на Исламската Република Иран во Скопје, Хусеин Карими.

Иранскиот амбасадор рече и дека неговата земја постигнала голем напредок во кинематографијата во последниве години.

Според првиот човек на Кинотеката на Македонија, најдобар начин да се приближат културите и народите на две земји е преку прикажувањето на филмови.

Во изборот на филмските теми се направени напори за вклучување на културни и емотивни теми, како и теми од полето на меѓучовечките односи.

Февруари ќе биде и во знакот на руската кинематографија. Веќе од следната недела, љубителите на филмот ќе имаат можност да проследат различни филмови од повеќе жанрови.

Борис Грујоски