Започна вонредниот откуп на тутунот, тутунарите стравуваат од нов грабеж од откупувачите и државата

  По вчерашниот почеток на таканаречниот вонреден или ран откуп на тутунот од годинашната реколта, стартно, тутунарите вознемирени. Стравуваат дека и годинава ќе бидат подложени на грабеж и покрај тоа што родот е квалитетен. Велат дека со актуелните откупни цени при двоцифрената инфлација, нивната заработувачка ќе биде еднаква на нула.

  „Според новите цени кои ги објавија комбинатите, просечната цена ќе се движи  на ниво на ланската цена, т.е. на 3,8 долари, или 230-240 денари кои според двоцифрената инфлација во државава помалку вредат од ланските 200 денари. Според трошоците и според инфлацијата, килограм тутун не смее да биде под 350 денари“, – вели Тони Ангелески, претседател на ТЗ „Жолто тутунско злато“.

   Иако е премногу рано, бидејќи редовниот откуп започнува дури по еден месец, сепак тутунарите се скептични дека ќе имаат реално вреднување на нивната тутунска мака.

  „Според јавувањата од терен, не можеме да бидеме задоволни затоа што се случува исто како и минатите години. Повторно проценка на тутун во трета класа, повторно имаме враќање на тутун, непредавање…доколку се цени тутунот во втора и трета класа, тогаш просекот ќе слезе некаде под 240 денари што е далеку од прифатливо.“, – објаснува Васко Јосифовски од ТЗ „Тутунска надеж“.

  Пресметките на тутунарите покажуваат дека 20-те проценти зголемување со кои неодамна се пофали премиерот, не можат никако да дојдат до израз, бидејќи и инфлацијата била 20 проценти, а и односот на денарот и доларот, во однос на минатата година бил рапидно променет. Па оттука, според тутунарите, не можело да стане збор за никакво покачување на откупните цени, факт кој особено ги загрижува и плаши дека пак ќе бидат ограбени.

   Инаку, годинава, 10 откупни компании на 223 откупни пункта ширум државава планираат да откупат 26 милиони килограми тутун. Но, тутунарите велат дека реалното годинашно производство тежи околу 18-19 милиони килограми што пак им дава надеж дека тој дефицит ќе услови зголемување на откупната цена со почетокот на редовниот откуп на 15-ти декември. Во спротивно, тие не ја исклучуваат можноста повторно да излезат на протести или да не го предаваат родот.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста