Започнаа обложувањата за Евровизија, има ли Тамара шанси за финале?

Познати се сите 42 песни кои ќе учествуваат на годинешниот Евровизиски натпревар во Тел Авив, а со тоа започнаа и обложувањата за победникот на фестивалот.

На големо изненадување, моментален фаворит е Холанѓанецот Данкан Лоренс кој ја пее баладата Arcade. Втори се Русите, па Шведска, Швајцарија и Кипар.

Статусот на земјите и коефициентот за победа се менува од минута во минута, па ова е распоредот на табелата во 14 часот на 11-ти март.

Ако им се верува на обложувалниците, нашата Тамара со Proud има сериозни шанси за пласман во финалето на Евросонг, бидејќи во моментов се наоѓа на 18-тото место. Од земјите од соседството, Грција е 9-та, а Србија и Хрватска се на дното на табелата. Над нас се Белгија и Данска, а под нас Естонија, Шпанија и многукратните победници Британија и Ирска.

Еден од кандидатите за кои се пишуваше дека е меѓу фаворитите, Биљал Хасани од Франција, не е меѓу првите 10 фаворити на обложувалниците.