Запленети 500 килограми марихуана на „Богородица“

Повеќе од 500 килограми марихуана, спакувана во 181-но пакување, со различна големина и тежина, се запленети на Граничниот премин „Богородица“. Дрогата била пронајдена, при контрола на камион, со скопски регистерски таблички, во специјално направен бункер, на кровот на приколката. Возачот на камионот е приведен, додека по едно лице се трага. Пронајдената дрога, во Македонија влегла од Албанија, а била наменета за нарко-пазарот во Турција. Според првичните информации, станува збор за меѓународна криминална група, во која се вмешани државјани на Македонија, Албанија и Турција.