Занаетчиите и малите трговци против даночните реформи

Владата удри врз микро и малите бизниси. Од наредната година 50 илјади фирми, меѓу кои занаетчии, бутици, фризерници, семкарници, мали трговци повеќе нема да можат да користат даночно ослободување за плаќање данок на приход до три милиони денари. Измените во Законот за данок на добивка ги револтираа занаетчиите. Велат на овој начин, власта дополнително ги оптоварува со даноци, во услови кога едвај опстојуваат. Револтирани се бидејќи наместо да се удри врз сивата економија и да се одданочи нерегистрираниот промет, Владата за да го наполни буџетот, решила да удри врз оние што легално плаќаат давачки. Сметаат дека токму занаетчиите се оние кои најмногу трпеа последици од пандемијата и енергетската криза, а овие најави за дополнителни  давачки кои ги дознаа на еден месец пред воведувањето, ќе ги дотолчат финансиски.

Реагираат и од Сојузот на стопански комори. Оттаму велат на овој начин, не само што ќе стават клуч на врата многу компании, туку и  драстично ќе се зголеми сивата економија.

„Концептот на правично оданочување значи дека во даночниот систем треба да бидат опфатени нерегистрираните субјекти кои сега работат во сивата зона и не плаќаат никакви давачки, со што ќе престанат да бидат нелојална конкуренција на микро и малите деловни субјекти кои пак се значајна алка во економскиот еко систем“ – велат од ССК.

Овие компании, односно бизнисите со вкупен приход до 6 милиони денари сега ќе бираат – или ќе плаќаат 10% данок на добивка или пак 1% на вкупниот приход. Ваквите даночни решенија, според ССК дополнително ги зголемуваат нејаснотиите и несигурноста кај бизнисот. Компаниите најмногу се жалат на тоа што даночните измени се носат во брза постапка без да се остави период на прилагодување и планирање од страна на компаниите.

Собранието веќе ги усвои измените на Законот за данокот на личен доход, со што од наредната година ќе продолжи примената на рамниот данок од 10 проценти. Се одложува и даночењето на каматите на заштедите до влезот на државава во ЕУ. Законодавниот дом треба да даде зелено светло и за измените кај ДДВ и данокот на добивка.

Тања Попова

Advertisements