НАЈНОВИ ВЕСТИ

Залудно фрлени пари: Владата со 80.000 евра ќе убедува 80 проценти од народот кој верува во ЕУ, дека треба да верува во ЕУ?!

Залудно фрлени пари во ветер, власта ќе троши да не убедува во нешто што е фактичка состојба, дека сме биле дел од Европа. Залудно ќе бидат потрошени пет милиони декари за проект кој никако не може да го промени ставот на македонските граѓани, кои во најголем број се против уставните измени, сметаат познавачите. Новинарот Предраг Димитровски за Алфа вели дека на луѓето им е јасно кои се евентуалните придобивки од членството во ЕУ.

-Што ќе објанува во таа кампања власта на граѓаните? На граѓаните им е многу јасно што значи членството во ЕУ и тоа никогаш не било, ниту ќе биде дискутабилно. Единствениот проблем е начинот на кој треба тоа да се стори, изјави Димитровски.

Според Димитровски единствена цел на власта е како да избегне предвремено изборно соочување. Вели предвремени избори се единствен излез од ситуацијата во која што се наоѓа Македонија.

-Власта купува време и бега од предвремените избори, кои се единствено логично решение во моментот за излез од ќорсокакот, во кој што не внесе и како држава и како нација, изјави Димитровски.

Дека непотребно се трошат државни пари реагира и поранешниот шеф на центарот за комуникации на СДСМ, Ивор Мицковски. Според него нелогична е ваква кампања, кога е јасен факт дека најголем процент од граѓаните се против влезот на Бугарите во Уставот.

-Да плаќаш кампања со народни пари кога одлично знаеш дека 80% од народ се противи на твоите насилнички и наметливи предлози, е фрлање на пари во ветер. И демек со кампања граѓаните ќе влијаеле врз пратениците? Абе не си праите бајрам на умот, знаете како пројдоа уставните прошли пат, со лаги, закани, уцени и амнестии. Болје држете се до тоа, и онака за друго не ве бива. Или организирајте едно од мировните концертчиња на Груби, може тоа ќе упали, пишува Мицковски.

Универзитетската професорка Мирјана Најчевска прашува што воопшто власта ќе објаснува.

-А ќе има во кампањата информација за придобивките од вметнувањето на Бугарите како државотворен народ кој се борел за самостојна Македонија? За менувањето на окупаторите во администратори? И секако за непостоењето на Македонци на територијата нз денешна Бугарија? Живо ме интересира некоја информација за придобивките од овие нешта, пишува Најчевска.

Речиси исти вакви кампањи власта тераше и за претходните уставни измени, со кои Македонија ја доби кованицата Северна. И тогаш се трошеа државни пари со цел убедување дека промената на името е последниот услов кој ќе го имаме на европскиот пат.         

Матеја Петровски