Законот за јавно обвинителство заглавен во преговорите

Сепак постои блокада, односно нема поместувања во однос на законот за јавното обвинителство, признава власта. За разлика од оптимизмот на министерката за правда што се појави последниве денови, па и категоричност од Дескоска дека дури и без ВМРО ДПМНЕ законот ќе се донесе, денеска вели немало ништо ново. Ама не во преговорите со ВМРО ДПМНЕ, туку во однос на обезбедувањето на двотретинско мнозинство, што им е неопходно за да помине законот. Тоа значи дека 8мината т.н. независни пратеници од ВМРО ДПМНЕ не се сигурни дека ќе го поддржат законот- инаку блокиран заради делот со СЈО.
-Нема некои посебни поместувања последниве денови, од последната изјава наваму, но секојдневни контакти има и се прават обиди за обезбедување на двотретинско мнозинство, рече Дескоска.
Ставот на ВМРО ДПМНЕ е непроменет. Тие немаат намера да бидат соучесници, како што велат, во поддршката на криминалот на СЈО. А токму за криминал го сметаат нелегалното процесуирање на случаи после 30 јуни 2017 од страна на тимот на Јанева. Меѓу нив е и случајот „Талир“ со кој е блокиран имотот на опозициската партија.
-Иако знаеле дека после 30 јуни не смеат да подигаат обвиненија и да собираат докази, тие продолжиле, покренале дури и обвиненија пред судот загрозиле човекови права на одредени лица , направиле штета, и сега сакаат од нас да го амнестираме, вели Менкиноски, првиот човек на работната група на ВМРО ДПМНЕ за СЈО, на 22.05.2019, на Пресинг.мк.
Амандманите на ВМРО ДПМНЕ се однесуваат во голем дел на членот 105, што власта го толкува како борба на опозицијата за скриена амнестија. Според Менкиноски, нивниот став е напротив, ефикасна борба со криминалот и квалитетни реформи на судството. Тој нагласува и дека тимот за преговори на ВМРО ДПМНЕ броел 40тина луѓе, а СДСМ ја претставувала Дескоска, што значело само по себе кој со каква сериозност разговара за обвинителството.
Искра Коровешовска