Законот за лекари ја скара докторската фела

Законското решение за лекарска дејност ја скара докторската фела. По реакцијата на Синдикатот на Клинички дека со предлогот, кој за нив не е прифатлив, ѝ се даваат преголеми ингеренции на Лекарската комора, и оти истата со поддржување на нацрт-законот не работи за подобрување на статусот на медицинските доктори, се одзваа претставниците на комората, кои пак тврдат дека неосновано се обвинувани. Оттаму велат дека го поддржуваат носењето на законот за лекарска дејност, но дале и забелешки за оние делови што не им се допаѓаат.

-Се надеваме дека ќе влезе во процедура со нашите забелешки и дека истите ќе бидат прифатени за предлогот да стигне по легалната процедура, односно, пред пратениците на комисија за здравство, пред пратениците во Собрание, во Влада. Доколку има можност за реакција по институционален пат, зошто Синдикатот на Клинички центар тоа да не го направи, вели Проф. Д-р Калина Старделова-Гривчева, Претседател на Лекарската комора.

Претходно, од Синдикатот во изјава за Алфа посочија дека законското решение за лекарска дејност е препишана верзија од претходните закони, и оти не е напрвен никаков напор за да се подобри статусот на лекарите. Со него не се унапредуваат правата, ниту пак е утврдена минималната основна плата за докторите на медицина во јавното здравство, сметаат од Синдикатот на Клинички, и велат донесувањето на законот, ќе резултира со зголемување на одливот на белите мантили.

-Одливот ќе продолжи со поголем интензитет. Докторите нема да гледаат причина да останат во нашата држава која не ги вреднува соодветно, не го вреднува нивниот труд и диплома, надградбата и стресот и одговорноста при работата што ја вршат. Високоразвиените земји тоа го дефинирале, и јасен е статусот на докторот на медицина во тие земји. Не знам зошто ние не го дефинираме, вели во изјава за Алфа претседателот на Синдикатот на Клинички, Горан Беговиќ.

Оттаму додаваат дека нема да учествуваат во јавна и собраниска расправа за усвојување на ваквото решение. Предлагаат изготвување на нов Нацрт Закон со кој ќе се дефинира статусот на докторите на медицина.

Сања Трајковска Ставров