Законот за амнестија доби претседателски параф

Амнестијата доби амин од претседателот Иванов. Законот е веќе објавен во службен весник со што и официјално стапува на сила. Од денеска тече рокот од пет дена во кој обвинетите и осудените за собраниските настани од 27-ми април можат индивидуално да поднесат барање до Обвинителството со кое ќе се изјаснуваат дали сакат да бидат помилувани или за нив да продолжи судскиот процес.

Пратениците кои се наоѓаат на врвот на обвинението и денеска не одговорат на новинарски прашања дали ќе побараат помилување. Јане Ченто и Игор Југ веќе најавија дека пресудата ќе ја чекаат од судот, а не од политичките елити. На денешното рочиште во кои докази изнесува одбраната, адвокатот на обвинетите Ангеловски и Цветановски најави дека ќе поднесат барање до Обвинителство и се надева дека ќе ја добијат амнестијата.

Законот кој едногласно го изгласаа власта и опозицијата наиде на остри реакции од стручната фела. Дека ќе има проблеми во примената на законот предупредуваат и адвокатите на дел од обвинетите, велат законот е контроверзен, а не дава ниту правни одговори туку е политичка одлука на партиите.

Обвинителката Вилма Русковска која го застапува предметот за ланските настани вели законското решение не е прецизно, а не е исклучена ниту можноста да се прошири обвинението за организаторите кои ќе одговараат за здружување заради непријателска дејност, но вели преквалификација на делото нема да има.По истекот на овие пет дена што според законот се определени за поднесување на барањата, судот во рок од пет дена по приемот носи решение по мислење на обвинителството. Законот предвидува и жалба на решението во второстепена постапка.

Ивана Соколовиќ Најдова