Закани наместо извинување – Талат Џафери бара казни за собраниските службеници

Собраниските службеници покрај навредени, ќе бидат и казнети. Наместо извинување, собранискиот спикер, Талат Џафери бара да се казнат собраниските служби и вработените во МРТ, поради тоа што дозволиле да се слушне неговото недолично однесување во јавноста. Накратко, ова беше одговорот на Собранието на последниот скандал на Талат Џафери.

За опозицијата, Не постои друг чекор по примитивизмот на Талат Џафери, освен негова оставка. ВМРО-ДПМНЕ не може да најде оправдување за неговиот недоличен и навредлив однос кон собраниските службеници. Портпаролот на партијата, Наум Стоилковски, порача, дека тој веќе е недостоен да го води и да биде член на законодавниот дом.

– „Не постои друг чекор по примитивизмот на Талат Џафери освен негова оставка! Талат Џафери, со сиот негов примитивизам во Парламентот, е недостоен да го води и да биде член на законодавниот дом“ – истакна Стоилковски.

Премиерот Димитар Ковачевски ја погледнал снимката на која се слуша гласот на претседателот на Собранието, и веројатно обидувајќи се да го оправда, вели, не може да ја коментира, затоа што, не можело да се види ниту кој разговара, ниту со кого разговара.

Од Алијанса за Албанците пак, велат дека ваков мобинг имало во сите државни институции кои се раководени од ДУИ.

– „Подолго време, не само Џафери, туку и другите функционери на ДУИ, на ист начин ги третираат и државните службеници и граѓаните, а често се обидуваат така да се однесуваат и со пратениците. Ова е типично однесување на режим, на диктатура, кои функционираат само со страв и закани“ – Соопштуваат од Алијанса.

Реагираше и Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија. Вчерашниот настан покажува крајно понижувачки и потценувачки однос кон вработените во Собранието на РМ и говори за начинот на однесување на избраните и именувани лица кои што раководат со јавниот сектор во државата

Видеото со вулгарниот речник на Џафери беше објавено на социјалните мрежи и на него може да се забележи и логото на Собранискиот канал. Навредите се чуле на крајот на преносот од вчерашната пленарна седница. На видеото не може да се види кому Џафери ги упатува навредите или пак што го провоцирало неговото недоличнот однесување.

Новинар: Никола Цветкоски

Поврзани вести