Закани кон градоначалничката Данела Арсовска

Закани и притисоци за градоначланичката на Скопје, Данела Арсовска, откако беа отпуштени 33 времено ангажирани луѓе кои воопшто и не доаѓале на работа во Комунална хигиена.

Заменик директорот на Управата за јавни приходи, Абдул Селами, инаку член на ДУИ, преку социјалните мрежи и порача дека нема право да отпушта вработени.

„Данела, немој да мислиш дека си нашла планина без волк, па ќе можеш да правиш што сакаш. Даноци на имот, плаќања за вода, за општинска хигиена, за паркови и зеленило – тоа се плаќања од истите граѓани, кои ти со ова твое владеење ги запоставуваш и ги третираш како граѓани од втор ред. Немате предвидено ниеден кадар – Албанец во дирекцијата, каде што раководи градот Скопје, па од неодамна почна и да отпушташ работници – Албанци од работа! Саламандии можеш да кажуваш во приватниот сектор, или во твојата компанија, од каде што доаѓаш, но не и со народните пари на граѓаните на Скопје“ вели Селами на Фејсбук.

Арсовска децидна дека вработените со договор на дело се отпуштени бидејќи не се појавувале на работа иако со години си зимале плата, а нема никаква врска со етничката припадност како што сака да се прикаже во јавноста.

Сметам дека заканите никој во општеството не треба да ги дозволи, а не да ги стимулира како што видовме од видни владини функционери, и лица кои што вршат видни функции во текот на вчерашниот ден. Тоа што на некој не му е продолжен договорот значи дека раководството не е задоволно од неговата работа, а најголем дел од тие лица што не им е продолжен договорот воопшто не се појавувале на работа. Таму не се работи за етникум, затоа што има лица што се од сите етникуми, се работи за лица кои што не доаѓале, не си ги ивршувале своите работни обврски,  и  најголем дел кои не се појавувале на работното место. Доколку некој смета дека треба овие лице треба да се поддржат во тоа, нека излезе нека каже јавно, вели Арсовска.

Реагираа и од Јавното претпријатие, од каде велат дека вработените на кои не им бил продолжен договорот со месеци и години земале плата а не оделе на работа.

„Мора да се стави крај на расипничкото трошење на парите на граѓаните и посветено да се работи на подобрување на услугите и исполнување на нашите обврски кон граѓаните“ соопшти ЈП Комунална хигиена – Скопје.

На ова реакција стигна и од вработените на кои не им беа продолжени договорите кои велат дека се „жртва“ на политички пазарења, дека доаѓале на работа но наводно немале картички за евиденција.

„Нашето отстранување е направено едноставно поради политички пазарења, а не поради нашата нерегуларност на работа, а уште помалку затоа што сме непотребни! Нашата присутност лесно може да се провери преку безбедносните камери – велат тие.

Арсовска вели дека реформите во интерес на Скопјани ќе продолжат , иако се соочувала со закани откако е градоначалник на Скопје, но за тоа вели има органи кои треба да постапат според надлежноста.

Викторија Миткова