Заедничка декларација на Русија, Турција и Иран за Сирија

Во рускиот град Сочи вчера се одржа четвртиот трилатерален самит за Сирија, а по состанокот на лидерите на Русија, Турција и Иран, Владимир Путин, Реџеп Тајип Ердоган и Хасан Рохани објавена е заедничка декларација.

Лидерите на трите земји повторно изкажаа одлучност во спротиставувањето на сепаратистичките тенденции во Сирија кои имаат намера да го ослабнат суверентитетот и територијалниот интегритет на земјата.

Во декларацијата се наведува дека доколку се реализира одлуката на САД за повлекување на американските сили од Сирија, Москва, Анкара и Техеран ќе дејствуваат за зајакнување на стабилноста и безбедноста на земјата во согласност со принципите за зачувување на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет.

Путин, Ердоган и Рохани се согласија дека треба да се преземат заеднички чекори за намалување на кршењето на примирјето во регионот на Идлиб.

Исто така ја потврдија одлучноста да ја продолжат меѓусебната соработка за целосно елиминирање на сите поединци, групи, структури и организации кои се поврзани со Исламска држава, Ал Нусра фронтот, Ал Каеда и други групи кои Советот за безбедност на Обединетите нации ги прогласи за терористи.

– Лидерите разговараа и за ситуацијата во североисточна Сирија, почитувајќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија и се согласија да ги координираат активностите во согласност со постоечките договори за воспоставување безбедност и стабилност на овој регион, се посочува во декларацијата.

Тројцата лидери повторија дека со воено решение не може да заврши судирот во Сирија, туку по политички пат во согласност со резолуцијата на СБ на ОН.

Со декларацијата се апелира до меѓународната заедница, посебно до ОН и другите организации да ја зголемат хуманитарната помош за Сирија, а исто така и да се создадат услови за безбедно и доброволно враќање на бегалците.

Лидерите на Русија, Турција и на Иран се договорија и да ја зајакнат трговската и економската соработка.