Заев ќе се фати за метла во јуни

На крајот на месецов ќе се знаат имињата на црната листа на премиерот Зоран Заев за “операцијата Метла”.  По одморот со другарите, премиерот денеска изјави дека во наредниве денови ќе се позанимава со чистката на министрите. Освен некои министри и заменици, фотелјите ќе ги загубат и дел од директорите на јавните претпријатија, но нивните имиња ќе се знаат до крајот на јуни.

Функционерите на ДУИ пак, велат единствен кој може да ги смени од позицијата е лидерот на интегративиците Али Ахмети.  Прв кој застана зад ваквата изјава беше Артан Груби, со неговата изјава се согласува и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи кој вчера истакна дека за смена на кадрите на ДУИ кои се дел од владата може да одлучува само Али Ахмети и партијата, бидејќи Владата била политичка, не е експертска.

Дали ќе разреши некои од кадрите на ДУИ, Заев вели дека ќе имале средба со Ахмети, но и со другите коалициски партии бидејќи верувал дека промени треба да се случат од сите репрезенти во Владата и во државните институции.

Иако Заев не кажа кога ќе биде средбата, Османи истакна дека уште денеска ќе го договореле состанокот.Тој дури и посочи каде ќе биде потребно дополнително зајакнување.

Додека Заев го подготвуа списокот,  речиси сите министри се уверени дека не се на листата, па деновиве на прес конференции ја фалеа работата на тимот околу нив, почнуваа нови проекти, кажуваа колку се вредни. Сепак велат последниот збор ќе го имал Заев.

За таканаречената метла дел од аналитичарите велат дека на власта и бил потребен темелен ремонт, а не козметички интервенции. Па така, потребна е нова стратегија за работа, а не само нови луѓе кои би правеле слични грешки.

Мери Ѓорѓиевска