Заев ја „заборави“ економската корона криза, неостварливи ветувањата за плати и пензии, бизнисмените бараат 4 пакет мерки

Уште во првите неколку дена, владата да ги засука ракавите и да го подготви 4-тиот пакет антикризни мерки кој треба да биде исклучиво насочен кон бизнисот – бараат стопанствениците. Се потрошиле и последните резерви, а субвенции за плати нема за јули и август. За бизнисот да не крахира, потребни биле итни мерки не само за поддршка на плати, туку и за да се поттикне идниот развој на фирмите, помош и за оние што работат дома, но и за извозниците кои ги изгубија странските пазари. Посебен акцент требало да се стави на компаниите што не работат, но не по своја вина, туку поради разните законски забрани поврзани со ковид кризата.

Според бизнисмените, 3-те сета мерки помогнале да се зачуваат работните места и фирмите да опстојат, но не и да се развиваат.  Стопанствениците бараат 4-тиот пакет добро да се осмисли бидејќи помошта треба да чини многу, да се обезбедат пари, затоа што ковид кризата може да потрае и до крајот на следната година.

Според бизнисмените, новата Влада се нашла во многу контрадикторна ситуација. Ветувањата на СДСМ требало да ги спроведат министрите на ДУИ. Велат дека по пауза од многу години, ДУИ се нафатила на тешка задача да ја реформира администрацијата, за која јавноста критикуваше дека токму оваа партија го кочи процесот на намалување на бројот на службеници за 20%.

Бизнисмените главно не ја коментираат економската програма предложена од новата Влада. Велат сега најважно е да му се помогне на стопанството да закрепне од корона кризата, а дури потоа да се зборува за раст на минималец, просечна плата и економски раст од 4%.

Единствено поранешниот советник во министерството за финансии Бранимир Јовановиќ рече дека плановите за намалување на разни даноци и други давачки ќе ја продлабочат дупката во државната каса, па повторно ќе треба да се позајмуваат пари, што драстично ќе го зголеми јавниот долг на земјава.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста