Заев: Телефонските разговори се приватна работа со која не би требало да се поврзува Русија

Откако во еден од разговорите за кои дури пред два дена разбрал дека се со лажни државници, посочи дека српскиот претседател Александар Вучиќ е под влијание на Русија, Заев денеска во присуство на рускиот амбасадор ја смени реториката – Русија не води специјална војна со нас.

– Сметам дека овие пранкови или фејк перформанси претставуваат приватни работи, не се акт од Руската Федерација и не смеат ваквите работи да се испречат пред нашите пријателски односи. Соработката со Руската Федерација е една од нашите цели, зајакнување на таа соработка на економски и на секаков план, нагласи Заев.

А како што и најави, премиерот без проблем им се извини на соседите што ги вмешал во разговорите со руските комичари. Се слушнал и со Тачи и со Вучиќ. 20 минути се објаснувал со косовскиот колега за наводниот договор на Тачи со српскиот претседател Александар Вучиќ за промена на границите.

Откако разговорите речиси една година се одвивале со леснотија, министерот Спасовски денеска предупреди дека вината не треба да се бара во МВР, бидејќи протоколите не се нивна надлежност. За комуникацијата на премиерот надлежни се кабинетите во влада, а протоколите мора да се почитуваат и да се следат начините на комуникација на секој носител на јавна функција.

– Има протоколи и начин на кој се комуницира во однос на секој носител на државна и јавна функција во Република Македонија. Треба да се следат тие протоколи.Во тој однос потребна е малку поголема будност во следењето на препораките и протоколите со што можат да се средат сите овие работи, изјави министерот Спасовски.

За скандалот во кој премиерот Заев беше насанкан од руските пранкери никој од владиниот кабинет нема да понесе никаква одговорност. Ова според Заев не било случај во кој некој треба да одговара. Иако е сериозно прекршен дипломатскиот протокол дозволувајќи телефонските разговори да се случат со таква леснотија, Заев тврди дека постоеле записници од комуникацијата, а до него во моментот на разговорите биле и неговите советници.

Ивана Соколовиќ Најдова