Заев тврди дека комуникацијата со пранкерите е архивирана, записниците сепак не се објавуваат

Алфа официјално побара од Владата да ни ги испрати архивираните записници од телефонскиот разговор со руските пранкери, за кои Заев тврди дека ги има и оти медиумите можат да ги добијат на увид. Тие според Заев ја содржат вистинската слика за целината на разговорот во делот за МПЦ, за која премиерот тврди дека е сечена и монтирана. Записниците не ги добивме. Ниту, пак, било какво образложение од Влада. Прашањето е зошто?
– Има друг човек на линија додека се случуваат овие разговори. Обично седи мој советник до мене додека разговарам и прави записник од самиот разговор. Секако и јас практикувам директна комуникација. Првиот разговор е овде во канцеларија додека сум на работа, побарано е од мене да ме поврзат со „претседателот“ Порошенко, и јас му давам термин меѓу состаноците. И додека разговарам до мене седи советник, обично Дане Талески ако е за надворешна политика, ако е за европски прашања е Бојан Маричиќ, кои водат записник за да се остави архива во државата и за да им соопштиме на медиумите. Значи за се што зборуваме се води записник за да го архивираме, објасни премиерот на прес конференцијата после избивањето на скандалот.
Молкот од Влада може да значи дека или записници нема, или дека нивната содржина целосно се совпаѓа со разговорот што руските комичари го објавија, па свесно се скриваат.
-Да да секако дека се запишани разговорите, и записниците стојат во архивите, рече Заев.
Која и да е причината, ова секако не е практикување транспарентност за која Владата секојдневно тврди оти ја практикува и се залага.
Искра Коровешовска