Заев смета дека петте потпретседатели не биле некој посебен трошок

За идниот премиер Зоран Заев не е некој посебен трошок Собранието да има пет потпретседатели. Вели тие ќе имале 100 или 150 евра повисоки плати, но заборавајќи дека покрај тоа има трошоци за службено возило со возач за сите пет заменици на Џафери, како и за плати за членови на нивните кабинети. Така што според пресметките трошоците би биле многу поголеми од она што Заев го кажува.

-Еден потпретседател на Собранието зема 100-150 евра не знам, поголема плата, не е за големината на трошокот. Веројатно поради тоа што има посебно канцеларија, ама денеска сите пратеници имаат посебна канцеларија. Но, суштината е дали го слушаме гласот на народот, изјави Заев.

Бура реакции во јавноста предизвика предлогот за пет заменици на Џафери, особено што вакво нешто доаѓа во ек на корона кризата, кога е потребно сите непотребни трошења да бидат сведени на минимум. Сепак, барем во наредниот собраниски состав ќе има повторно три потпретседатели, откако ВМРО-ДПМНЕ реши да не предлага свој кадар на оваа позиција, а истото ќе го стори и СДСМ.

-Ако ВМРО-ДПМНЕ се повлече, тогаш ќе се повлече и СДСМ, ќе оставиме простор на помалите, еве за да биде бројката и помала. Ќе видиме како ќе постапат така и ќе се однесуваме, изјави Заев.

Поддршка за предлогот за пет потпретседатели даде новото владејачко мнозинство. Ваквата одлука наиде на бура реакции во јавноста.

-Ќе беше многу безвезе да се откажевме од 5 потпретседатели и да купевме амбулантни возила пошто никој немаше да знае колку сме болни во мозокот!, се пишува во еден од твитовите.

-На толку работа што ќе имаат новиве 5 потпретседатели, ја мислам треба да именуваат уште 5 нивни заменици, фер е, се вели во еден од твитовите.

За разлика од владејачкото мнозинство, во Собранието против предлогот на Џафери за пет потпретседатели беше опозицијата.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста