Заев не исклучува лидерска средба со Мицкоски за СЈО

Ако има поместување во преговорите за Законот за јавно обвинителство, Заев и Мицкоски на лидерска средба ќе ги пеглаат деталите за СЈО. Премиерот оптимистички настроен очекува дека ќе постигнат компромис со лидерот на опозицијата за статусот на специјалното обвинителство кое е дел од реформите кои ги бара и ЕК. Но сепак прво ќе разговарал и со министерката за правда….

СДСМ да ги прифати амандманите на опозицијата па дури тогаш може да се гласа законот за Јавното обвинителство, не отстапуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Клучните разлики околу статусот на СЈО преку законското решение остануваат камен на сопнување , иако имало размена на документи, но ни од далеку не како конечна верзија. Инаку опозицијата бара СЈО да се инкорпорира во рамките на Одделението за гонење на криминал и корупција. Јавниот обвинител да се бира по предлог на ВМРО-ДПМНЕ. И последен принцип на кој инсистира опозицијата е да не важат бомбите.

И додека партиите калкулираат околу решението за СЈО, специјалната обвинителка Катица Јанева не го прифаќа барањето на ВМРО-ДПМНЕ за запирање на отворените истраги по 1 јуни 2017-та. Дури и сигурна дека не постои персонално решение со кое можат да ја сменат од позицијата.

Инаку преговарчките тимови „запнаа“ околу членот 105 кој се однесува на продолжувањето на постапките на СЈО и користењето на доказите што се собрани досега. Од Правда не отстапуваат дека доближување на ставовите е неможно со барања за затворање на сите постапки по првите 18 месеци и уништување на сите материјални докази собрани во нив.

Ивана Соколовиќ Најдова