Заев: не бараме членство, туку датум за почеток на преговори

Македонската влада го промени курсот на интеграција – Не бараме веднаш членство во ЕУ, туку само датум за преговори, порача премиерот Заев на средбата со чешкиот колега Андреј Бабиш. За него блескавиот извештај како што вели ни давал шанса за почнување на преговори, но не и партиципација во европското семејство веднаш. Повторно им прати порака на европските политичари ако не бидеме наградени сега за промената на уставното име, и потпишаните договори и реформите, ќе се нарушела принципиелноста на Унијата.

– Сите граѓани на земјите членки на Унијата да сватат дека ние не бараме веднаш да станеме членки на ЕУ. Ние бараме да продолжи мотивацијата на ЕУ спрема Северна Македонија добивајќи го следниот чекор, а тоа е да отпочнеме преговори. Кога ќе биде подготвена Унијата, кога ќе бидеме подготвени ние, тогаш ќе станеме членка на ЕУ.Навистина сме, ќе ги користам зборовите на комесарот Хан, блескав пример за целиот регион и навистина претставуваме потврда за силата на атракцијата на ЕУ во целиот овој региони и за сите земји членки, вели Заев.

Дека Македонија ги исполни сите услови кои ги постави Брисел потврди и чешкиот премиер Андреј Бабеш, сепак вели сега на потег се европските политичари кои ветувале почеток на преговори. Не било прифатливо да се бараат нови причини за одложување на добивање на датумот.

– Кога политичарите ветуваат тоа треба и да го исполнат. Тоа е многу битно за целиот регион, бидејќи во моментов многу битно кога регионот имаше чувство дека нешто се ветува а потоа тоа не се исполни тоа ќе биде многу лошо. Затоа сметам дека сите европски политичаритреба тоа да го сватат, потенцира Бабиш.

Во Брисел веќе кружи нон-пејпер потпишан од 13 членки според кој нема датум за Македонија. Премиерот пак ќе го користи последниот џокер за да добие зелено светло од германската канцеларка иако влијателните тамошни медиуми веќе објавија дека Меркел категорично била против започнување на преговорите. Сепак премиер бил оптимист дека нема дилема дека ќе сме добиеле датум.

Ивана Соколовиќ Најдова