Заев: Немаше мечка во амандманите

Видовте- немаше мечка во амандманите, им рече денеска премиерот Заев на новинарите. Се околу нивната конечна верзија за која ќе се гласа во јануари било транспарентно, и добар дел од барањата на пратениците од опозицијата биле прифатени, па сега шефот на Владата очекува и побројна поддршка од нив во конечното гласање.

Според него зацврстен бил идентитетот, проширена била грижата за дијаспората со впишување на помалите заедници во неа. Но, не го спомена фактот дека грижата за дијаспората всушност не е и грижа за македонското малцинство во Грција, оти вторите не се отселени од Македонија туку родени на територијата на Грција. Практично тргањето раце на земјава од припадниците на македонскиот народ во соседната држава, се знаеше дека ќе се случи оти тоа е предвидено во преспанскиот договор. А власта континуирано го негираше откако договорот беше потпишан.

Но, првичната верзија на амандманите на Атина не и се допадна затоа што во едниот стои дека земјава се грижи за припадници на македонскиот народ, особено после изјавата на Заев на говорница.

Така„припадниците“ станаа „дијаспора“, а ако поминат амандманите и ратификацијата во Грција, нема да постои темата автохтоно македонско  малцинство.  

ИскраКоровешовска