Заев и европските „големини“ со различни гледишта- кога Македонија ќе добие датум за старт на преговори?

Во исчекување на Советот на министри на ЕУ во вторник, и повеќе од јасно е дека Македонија нема да добие летово, датум за старт на преговори за членство во Европската унија, иако тоа уште пред една година, од страна на премиерот Зоран Заев беше најавено како готова работа.

Сега пак најоптимистичните најави се дека датумот можеби би бил во септември или октомври, но според реториката на големите европски земји и тогаш е нереално да се очекува такво нешто.

Заев пак споредувајќи ја унијата со сексипилна девојка, порача дека мора да останеме мотивирани на патот кон ЕУ, а датумот за преговори, ако не на есен да го очекуваме до крајот на годината.

-Се повеќе сме Европјани. Преку овие промени, многу нешта се случија само поради една причина, која комесарот Хан ја спомена, односно поради силата на ЕУ. Таа не привлекува, не води и не мотивира. Европа треба да остане најсексипилна девојка во светот, која ќе не мотивира да продолжиме во овој правец… Сакате да се споредувате со господинот Трамп? –Да, изјави вчера Заев.

Иако беше ветено дека со менувањето на уставното име, Македонија летово ќе отпочне преговори, сепак францускиот амбасадор Кристијан Тимоние порача дека државава мора да продолжи со спроведувањето на европската агенда, а дека позитивни одговори, можеби би можело да се очекуваат до крајот на годината.

–Треба да направите нови реформи, а потоа ќе видиме што може да се направи, рече Тимоние.

По средбата со германската канцеларка Ангела Меркел, Заев соопшти дека добил ветување дека Македонија во септември ќе добие датум за старт на преговори, но такво нешто никаде не стои во официјалното соопштение од Бундестагот. А и според германските пратеници, кои во четвртокот беа во посета на македонското Собрание, во септември би можело да се одлучува за датум, но тоа не значи дека истиот ќе го добиеме. Во соопштението од Бундестагот пак, не се прецизира ставот на Меркел за очекувањата на македонската влада за одредување датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Сомнеж врз можноста за добивање датум фрла и изјавата на германскиот амбасадор во земјава, Томас Норберт Герберих, дека многу е важно Западен Балкан во пакет да оди низ евроинтеграциите, односно Македонија и Албанија, за која во моментов не постои расположение кај европските сили, да добие датум за старт на преговори, да го чекорат овој пат заедно.

-Јас мислам дека најдобра идеја би било да влезат заедно во Европската Унија. Многу е важно Западен Балкан како регион да има заеднички пакет, но доколку е потребно треба да размислуваме и за раздвојување со цел да не казниме една земја поради неисполнувањето на друга држава. Сепак е процес за кој треба земјите членки да размислуваат, изјави Герберих.

Различни се толкувањата на премиерот и пораките кои стигнуваат од меѓународната заедница, но она што во овој момент е сигурно јасно е дека на министерскиот состанок во вторник, Македонија зелено светло за датум нема да добие.

Матеја Петровски