Заев и Ахмети ќе разговараат за можен консензуален претседателси кандидат

Лидерите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети денеска во Клубот на пратениците треба да одржат средба во врска со претстојните претседатели избори и можноста за настап со заеднички консензуален кандидат.
– Ако постигнеме договор, се разбира, ќе бараме да ја прошириме поддршката, прво со партиите од коалицијата, а потоа со други интересни групи, со цел да направиме што поголемо мнозинство, бидејќи тоа го бара консезуалноста. Овој концепт сме го дефинирале како надетнички и надпартиски, не е важно да се прогнозира епилогот од кандидатот, односно етничката или партиската определба на кандидатот, вели вицепремиерот Бујар Османи.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во интервју за РТК вели дека тој ја испружил раката за соработка со албанската опозиција за заеднички кандидат Албанец, но за жал, двете опозициски партии го одбиле. Тој истакнува дека има волја да се постигне договор за консензуален кандидат за претседател на денешната средба со коалициските партнери, но оти тоа зависи од двете страни.

Против заеднички кандидат со ДУИ се Алијанса за Албанците и Беса на Билал Касами. Беса на Африм Гаши пак сé уште нема став, а ДПА ќе го поддржи само заедничкиот кандидат на власта.

Партиите од Коалицијата предводена од СДСМ на средбата, што се одржа синоќа, постигнаа согласност за заеднички кандидат за претседател, како што велат, во интерес на сите граѓани.
-Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во име на Коалицијата, ќе ги продолжи консултациите со партиите од албанскиот блок во владината коалиција, како и со други парламентарни и вонпарламентарни партии, од власта и опозицијата, околу можностите да се дојде до заеднички кандидат за претседател на државата, кандидат за кој што ќе застанат граѓаните, соопшти СДСМ по средбата.
Конкурсот на СДСМ за пријавување на кандидати за претседател на државата завршува утре, а кој ќе ја претставува владејчката партија во претседателската трка ќе се знае на конгресот закажан за 3 март. Единствен кој досега има поднесено кандидатура за претседател од СДСМ е поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов.

ВМРО-ДПМНЕ на партискиот конгрес, што се одржа во саботата во Струга ја избра професорката на Правниот факултет во Скопје, Гордана Силјановска Давкова за нивен претседателски кандидат.

Шестите претседателски избори беа распишани од претседателот на Собранието, Талат Џафери на 8 февруари. Првиот изборен круг е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.