Заев: Десетина имиња се разгледуваат како можни претседателски кандидати

Десетина имиња се разгледуваат во редовите на СДСМ како можни кандидати за иден претседател, меѓу нив има Македонци, Албанци, Турци, Срби, се со цел да се пронајде личност која ќе биде најприфатливо и максимално консензуално решение, колку што е можно тоа да се направи за да се опфатат сите, истакна премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата, на која беа презентирани плановите за изградба на патната инфрастуктура за 2019 и сработеното во 2018.

Во врска со тоа дали во СДСМ ќе оди сама на претседателските избори и дали се прават внатрепартиски анкети и анализи за избор меѓу министрите Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Оливер Спасовски и националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, како што претходно денеска објавија дел од медиумите, Заев истакна дека се разгледуваат повеќе од десетина имиња, се оценува како размислуваат граѓаните, како тие би им парирале на кандидатите на противничката страна, се вршат и консултации со граѓанскиот сектор.

-Во секој случај ќе се обидам да разговарам со одредени позициони партии. Но најпрво ќе разговарам во мојата партија, па во коалицијата, потоа да го прошириме опфатот на сите, нагласи премиерот.

Истакна дека консезуалниот кандидат не треба да се гледа меѓу него и Али Ахмети и додаде дека тоа треба да биде кандидат на граѓаните, а такви луѓе во Македонија има. Додаде дека тоа треба да биде претседател на сите граѓани и да ги нема слабостите на актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов во однос на мултиетничкиот карактер на опшетството, европските и евроатлантските интеграции.

Заев истакна дека целта е да се избере кандидат во кој граѓаните ќе видат надеж за земјата и повтори дека тој не планира да учествува на претседателските избори.