Заев го демантира Матис за руското влијание во Македонија

Внимавајте, Москва се меша за да не успее референдумот- е главната порака на високиот американски претставник – секретарот за одбрана – Џејмс Матис, кој денеска е во посета на земјава. Во најавата за неговото доаѓање влијателниот „Њујорк тајмс“ пишува дека Москва прави напори за бојкот на референдумот преку организации, социјални мрежи, медиуми. Истовремено, весникот нагласува оти 8 милиони долари САД одвоиле само за да се спречи руското влијание во Македонија.
Средствата за борба против руската пропаганда во Македонија беа задржани цела година и допрва треба да бидат ефективно распределени, изјавил за весникот анонимен извор.
За политичките партии кои сметаат дека бојкотот е единствена опција, ваквите информации се очигледна пропаганда во полза на успехот на референдумот. Доста е од теории на заговор, кој вели дека влегуваат руски пари и влијание тоа мора и да го докаже, вели за Алфа, Солза Грчева.
-Ова е само манифестација на хистерија, заради однапред јасниот епилог на неуспешниот референдум. Штом е Матис тука повеќе е од јасно. Ова е модел веќе виден во јавноста: се измислува непријател, се дефокусира вниманието, па сите трчаат да видат кој е непријателот. Ако има руски пари некој мора да го докаже тоа, вели Грчева.
Од друга страна, споменатите 8 милиони долари како пари против руската пропаганда, според неа се само начин како да се испере незаконското внесување на странски пари во кампањата.
-Влегуваат многу пари во земјава, а не се руски, за другиве ги гледаме и слушаме, па би сакала да знам дали се даваат заради навистина се спречи некакво руско влијание или во корист на референдумот- што е противзаконско- оти е прилив на странски пари во кампања, додава Грчева.
Во меѓувреме Заев и денеска повтори дека нема докази за руско влијание во Македонија.
-Руската Федерација е пријател на Македонија и таа нема ништо против интеграциите на Македонија во Европската Унија, но е против нашата интеграција во НАТО. Ние се обидуваме да објасниме дека за нас не постои алтернатива, освен целосна интеграција во ЕУ и НАТО, рече денеска премиерот.
Така не размислуваше пред два месеци кога рече дека има извештај од истрага со признание дека руски пари влегле во земјава и ги поттикнале комитите да предизвикуваат инциденти на протестите пред Собранието:
-Извештаите што ги добивам знаете тие млади момчиња од Комити кога нападнаа полицајци беа повикувани во полицијата на исказ, на разговор, па спомнуваа бизнисмени од Русија добивале пари заради тоа они се тука они немаат ништо против или слично, рече премиерот Заев на 16.07.2018.
Пред една недела Матис јасно порача дека „Москва ќе се меша“, и оти ваквиот тип на влијание Русија го практикувала „од Естонија до САД, од Украина и сега до Македонија“ пренесоа тогаш американските медиуми.

Искра Коровешовска