Заев ветуваше плата плус, а сиромашните ќе добијат само по едно евро месечно од повратот на ДДВ

Само најбогатите домаќинства кои годишно трошат околу 20 илјади евра ќе можат да вратат една просечна плата преку повратот на ДДВ, а не секое семејство како што најавуваше премиерот Зоран Заев во предизборието во 2016-та година.

Најсиромашните домаќинства ќе вратат само 738 денари или просечно по едно евро месечно. Ова се податоците од анализата на Фајнанс Тинк во врска со најавениот поврат на 15% од парите кои се плаќаат како ДДВ.

Семејство чија потрошувачка кошничка месечно изнесува 32.670 денари ќе може да очекува поврат на ДДВ од 172 евра за една година, што е повторно далеку од најавената плата плус во секое семејство со оваа мерка, како што ветуваше Заев.

„Една од најважните мерки која веднаш по 11 декември ќе биде донесена е враќање на 15% од ДДВ. Тоа ќе обезбеди годишно 30.000 денари во секое семејство, уште една плата повеќе. Со тие пари граѓаните ќе може да си ги платат трошоците, давачките, извршителите, кредит да вратат, да купат нова соба на младите дома, можат да платат годишен одмор. 30.000 денари ќе има секое семејство дополнителен приход“. Оваа мерка навистина ќе даде одлични резултати и ќе биде за секој граѓанин.“ рече тогаш Заев.

Резултатите од пресметките на Институтот за економски анализи Фајнанс тинк (Finance Think) велат дека просечна плата плус, која патем е далеку од ветуваните 30.000 денари, ќе има само за најбогатите семејства, додека пак за најсиромашните, ветувањето дека „ќе може да си платат кредит или да купат нова соба на младите дома“ со повратот на ДДВ, останува во доменот на научната фантастика.