Заев ветуваше дека Уставот нема да се менува – Собранието денеска расправа за ново уставно име

А што се однесува до Уставот, гарантирам одличен Устав имаме, европски Устав. Уставот нема да дозволам никој да го смени, Уставот ќе се почитува, Уставот ќе се спроведува. Нема менување на Уставот. Бидете спокојни, не дозволувајте режимот да ве лаже.

Ваков беше ставот на македонскиот премиер пред нешто помалку од две години, во периодот кога тогаш опозициската СДСМ беше во кампања за парламентарните избори во декември 2016 година.

Но, промената на Уставот за кој Заев велеше дека е европски, денеска е на пленарна седница во Собранието, по предлог од Владата која е предводена токму од него.

Со поддршка од пратениците на владејачката коалицијата, а без поддршката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по дводневна расправа, во петокот на матичната собраниска Комисија за уставни измени, беа донесени заклучоци за пристапување кон промени на Уставот.
Инаку, ова не е прв пат Заев да ветува дека нема да има уставни измени. Премиерот во една прилика во минатото кажа дека додека го држи памет нема да дозволи да дојде до такво нешто.

-Додека дишам, додека го дишам овој македонски воздух и додека ме држи памет дека мојот дедо, мојот татко, сите мои предци, јас, мојот син сме Македонци, родени овде во Македонија, тоа не може да се случи. Не само тоа, не верувам дека постои роден човек во Македонија подготвен да излезе пред Парламент и да бара промена на Устав заради промена на уставното име, велеше Заев.

Инаку, за спроведување на уставните измени, потребно е во Собранието да биде обезбедено двотретинско мнозинство, кое во моментов е неизвесно со оглед на тоа дека опозицијата не ги поддржува истите.

Матеја Петровски