Заев:државата не може да собере 30% од потенцијалните даноци, повратот на 15% од ДДВ ќе стартува навреме

Државата не може да собере до 30% од потенцијалниот ДДВ и другите даноци  – призна премиерот Заев. Откако Меѓународниот монетарен фонд алармираше дека во земјава остануваат од 15% до 25 % од потенцијалните даночни приходи, кои наместо во буџетот се слеваат во сивата економија, премиерот вели дека процентот е многу поголем. Тој е оптимист дека кога летово ќе почне проектот за поврат на 15% од ДДВ, наплатата ќе се подобрела бидејќи граѓаните самите ќе бидат инспектори со тоа што ќе инсистираат да им се даде фискална сметка со секој купен производ.

Заев уверува дека проектот ќе почне навреме, на први јули, а право на дел од парите од ДДВ ќе има секој со важечка лична карта. Тој смета дека максимални лимити на износи на фискални сметки мора да има за да нема поврат на парите за побогатите кои купуваат повеќе. Граѓаните од овој проект треба да добијат од 60 до 100 милиони евра годишно.

Според ММФ, системот губи потенцијални даночни приходи на ниво од 1 до 2% од БДП. Фондот смета дека земјава собира помалку пари од ДДВ споредено со државите од регионот  поради пониската даночна стапка, даночните ослободувања за некои категории производи, но и слабата контрола на инспекциите.

Тања Попова