Задушувачка смрдеа на ѓубре и чад во Тетово
Ноќта и утрово тетовци се принудени да дишат задушувачка смрдеа на ѓубре која ги пече и очите, воздухот е зачаден, и тие велат дека денеска смрдеата на смет е најстрашна во споредба со претходните три дена откако започна да се чувствува енормното загадување на воздухот. Но и велат дека смрди на ѓубре речиси цело лето. Порталот Тетово инфо објави видео од кое се гледа дека врз градот има чад.
Голем број граѓани со дописи до нашата редакција сведочат за можеби најинтензивната миризба на изгорен смет, што се чувствуваше често во текот на летото. Граѓаните алармираат дека оваа појава се повторува цело лето, а синоќа и во раните утрински часови, освен миризбата во воздухот, се забележуваше и чад.
Граѓани велат дека летово, откако и температурите се високи, постојано се шири лоша миризба. Кога ќе се јават да пријават пожар, од противложарната единица им велат дека нема пожар.
„Ако отворите прозорец ноќе, зашто сакате да ви биде посвежо додека спиете, по некое време станувате и го затворате прозорецот, зашто почнува да ве пече во очите, да ве чеша во носот и имате чувство дека ќе повратите или дека ќе се задушите“, вели еден граѓанин.
Луѓе се јавуваат и во локалните медиуми, сметајќи дека така ќе се подбуцнат властите проблемот со ѓубрето да го решат.
Како што изјави минатиот месец градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, не се гори складираниот смет во претоварната станица кај Фалише.