Задолжувањето галопира-граѓаните стравуваат дека ќе завршиме како Грција

Македонија е во должнички вртлог. Од ден на ден земјава е сè позадолжена. Секоја година од домашни и од странски извори мора да се позајмуваат пари за да се вратат старите долгови и да се покријат буџетските расходи. Јавниот долг одамна надмина 5 милијарди евра, а догодина дополнително ќе се зголеми за уште 600 милиони евра, со тенденција и натаму да расте.  Или во превод, само од задолжувањето во 2019, секој граѓанин ќе заглави за по дополнителни 300 евра. Граѓаните се загрижени – кој и како ќе ги враќа парите?

Сепак, не се сите песимисти. Има и такви кои веруваат дека ќе успееме да се раздолжиме, ама за тоа ќе ни требало неколку децении.

Јавниот долг според проекциите во буџетот за 2019 ќе достигне 54,7% од Бруто домашниот производ. Власта се правда дека парите од задолжувањето биле за враќање на стари долгови, но структурата на предлог-буџетот открива дека сепак, дополнително ќе се потрошат уште толку – или, старите долгови изнесуваат 268 милиони евра, а планираното дополнително задолжување на домашниот и странскиот пазар е планирано да изнесува над 550 милиони евра. Експертската и бизнис јавност одамна предупредува власта да го намали трендот на задолжување, односно парите кои се позајмуваат да се трошат за продуктивни намени. На ова постојано предупредуваат и меѓународните финансиски институции. Како последна и Светска банка алармира дека јавниот долг е висок и дека неговото финансирање ќе биде сериозен предизвик и во иднина.

Сања Трајковска Ставров