Загина една жена а четворица се повредени во страшна сообраќaјка што се случи на наплатна рампа кај Тетово

Педесет и едногодишна жена од Кичево загина во страотната сообраќајна несреќа на автопатот Гостивар – Тетово, во судар на возила ,,туарег” и ,,мерцедес”. Во несреќата што се случи околу седум часот изутрината, повредени се четири лица. Како што информираа од тетовската полиција, загинатата кичевчанка управувала со мерцедесот..

-На самата наплатна станица што е во близина на Тетово помеѓу две кабини се случи сообраќајната несреќа со две возила. „Мерцедес” со охридски таблички управуван од 51-годишна жена жителка на Кичево и „фолксваген туарег” со дебарски таблички управуван од 37-годишен жител на градот. Поради сударот, на местото животот го изгубила жената од Кичево која била сама во возилото, изјави Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово.

Возачот на другото возило, како и тројцата сопатници на возраст од 32, 36 и 62 години се здобиле со телесни повреди и се пренесени во тетовската клиничка болница. Поради тежината на повредите сите биле задржани за болничка опсервација.

Според неофицијални информации, 51 годишната жителка на Кичево која управувала со мерцедесот, возела со голема брзина по што изгубила контрола над возилото и удрила во возилото фолксваген туарег, чиј возач, во моментот на несреќата, плаќал патарина.
Увид на местото на несреќата извршиле службеници на СВР Тетово и јавното обвинителство. По наредба на јавен обвинител, телото на загинатата е предадено за обдукција.