Завршни зборови- Николоски вели дека Судот треба да ја одбие тужбата, Вице Заев не се појави

Без тужителот Вице Заев во скопска двојка минаа завршните зборови за судскиот процес, каде тој го тужи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за клевета. Според тужениот од кого братот на премиерот бара 500 евра оштета, оваа тужба е бесмислена и судот треба да ја одбие.

Во своите завршни зборови, Николоски потенцираше дека Вице Заев е јавна личност и мора да биде спремен да подлежи на критика, велејќи и дека во овој процес се докажало дека има голем број фирми кои остваруваат профит, што според Николски го прават главен бизнис фактор во државата.

-Врз основа на сите позитивни законски прописи во Македонија, членот 16 од Уставот, законот за граѓанска одговорност и клевета, понатака Европската конвенција за заштита на човековите права, како и одлуките на Европскиот суд за човекови права, јас имам полно право да изнесувам свои ставови, гледишта и мислења, како и критики кон власта во својство на потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, како најголема опозициска партија и во таа насока очекувам Судот да го одбие ова тужбено барање, односно тужбата на Вице Заев, изјави Николоски.

Наместо тужителот кој не беше присутен, завршните зборови ги даде неговиот адвокат Горан Заев, кој кажа дека од сите изведени докази се покажала основаноста на тужбата. Според Николоски чесно би било братот на премиерот да се појавеИ да ја застапува  својата тужба, а не да бега.

-Непријатно сум изненаден она што Вице Заев не се појави тука во судот, имајќи предвид дека тој ме тужи мене, а не го тужам јас него. Логично е да се појави и да си ја застапува тужбата, без разлика што има адвокат, чесно е ако мисли дека аргументите се на негова страна, да се појави и да биде присутен тука, а не да бега. Дојде само еднаш кога мораше да се појави, изјави Николоски.

Во Основниот суд Скопје 2 на рочиштето за завршни зборови, на кое по барање на тужителот беше забрането снимање од страна на медиумите, се слушаше и спорната снимка, за која Николоски кажа дека се однесувала на работата на Владата, а не лично на Вице Заев. Пресудата ќе биде објавена на 22 април.

Матеја Петровски