Завршни зборови на одбраната на судењето за „27 април“

Обвинителството не успеа да се издигне над политичките притисоци,парцијалните постапки и истраги, реагира поранешниот директор на БЈБ, Митко Чавков, кој ги имаше завршните зборови на продолжението на рочиштето за 27 април. Чавков предупреди дека постои неселективна правда и дека тој добил политичка постапка.
Го потенцираше селективното објавување на докази во предистражната и за време на истражната постапка. Неговото лишување од слобода го смета за понижување, со фотографирање во затворот, но и фотографиите кои биле објавени во медиумите каде тој е со лисици на раце. Според Чавков одлуките се носеле во политички амбиент, а пристапот бил неселективен и пристрасен.
Политичкото пазарење за 2/3 мнозинство влијаело и на оваа постапка. Смета дека законот за амнестија се спроведува селективно, целата ситуација ја нарече “различна пазарна вредност на обвинетите на политичкиот пазар”.
Чавков вели дека долго размислувал дали воопшто да ги даде своите завршни зборови. Тенденциите против него ги очекувал бидејќи како што рече, 30 години бил дел од полицијата и се борел против криминалните структури. Сепоак, она што за него е несфатливо се тенденциите за политички реваншизам.
– Ако во 2002 година со промената на власта цело семејство бевме раселени со распоредување низ различни места на работа, сега бев лишен од слобода- рече Чавков.
Тој истакна и дека не биле сериозно разгледувани исказите на сведоците кои оделе во корист на обвинетиот, односно на самиот Чавков.
Во однос на истрагата за 27 април тој кажа оти кога бил повикан во обвинителството не му биле презентирани факти и докази.
– Јас дадов исказ, но тоа се сведе на исповед бидејќи не ми беа презентирани докази – рече Чавков.
Поранешниот директор на БЈБ, Митко Чавков е првиот од обвинетите во случајот за 27 април кој во судница ги кажува неговите завршни зборови. Пред него на изминатите неколку рочишта тоа го сторија обвинителките Вилма Русковска и Ивана Трајчевска, како и адвокатите на сите обвинети.