Завршни зборови на Дурловски: Зарем е потпалувачки говор пеењето на химната

Ако сум виновен што сум бил во Собранието тогаш осудете ме, порача Игор Дурловски денеска во своите завршни зборови пред судот, потенцирајќи дека освен негово присуство внатре, друго не може да се утврди, порачувајќи дека судот мора да си одговори на неколку прашање пред да одлучи за неговата судбина.

Оперскиот пејач и еден од организаторите на протестите „За заедничка Македонија“  го негираше она што го пишува во обвинението на обвинителката Вилма Русковска дека држел потпалувачки говори и дека се коцкал со иднината на државата, не поради патриотски туку поради материјални побуди.

Дурловски порача дека го навредува тоа што го говорат за него, дека го плаќале да протестира и го замоли судот да се запраша дали имал намера или водел разговори за насилство на 27-ми април.

-Дури и да сум најнеморалната личност, дека сум измамувал десетици илјади луѓе, прашајте се дали постои еден доказ дека сум знаел што ќе се случува на 27-ми април. Јас верував и сè уште верувам во кауза. Се плашев за иднината на мојата земја и сè уште се плашам дека државата ми ја украде татковината. Може да ви се гадам, но не може поради тоа да ме осудите.

Дурловски во своја одбрана кажа дека на 27 април 2017-та година ја испеал химната пред Влада, па со својот син отишол на ракометниот натпревар, каде Вардар играше против Фленсбург во салата Јане Сандански, а во Собранието дошол кога на интернет видел што се случува.

Пред судијката Добрила Кацарска да даде пауза своите завршни зборови пред судот ги дадоа и Мунир Пепиќ, Абдулфета Алими, Младен Додевски и Јане Ченто. Сите потенцираа дека не учествувале во никакво терористичко здружување и дека за вакво дело не може да бидат осудени.

-Кажав дека тој ден бев службено, со службени обврски и дека работев во интересите на службата, изјави Мунир Пепиќ.

Откако во Собранието беше изгласан Законот за амнестија, а со него беа опфатени обвинети во овој случај, пресудата сега ја чекаат 17 лица. Игор Дурловски, Митко Чавков, Душко Лазаров, Јане Ченто и Игор Југ не побараа амнестија, на останатите им беше одбиено барањето. Минималната казна за делото кое се става на терет на 17-те е 10 години затвор.

Матеја Петровски