Заврши посетата на Меркел – Каменос ја повлекува одлуката да ја напушти Владата

Заврши посетата на Меркел – Каменос ја повлекува одлуката да ја напушти Владата. Германската канцеларка замина од Грција веднаш по средбата со лидерот на опозицијата. Претходно, Нова Демократија најави обраќање на Мицотакис, но засега е молк – не се кажува што се разговарало. Меркел вчера кажа дека на Мицотакис ќе му ги пренесе пораките за Преспанскиот Договор иако не верувала дека ќе има влијание. Од неа се очекуваше да изврши притисок за тој да се согласи барем за приемот на Македонија во НАТО.

Во меѓувреме Каменос си ги брои пратениците – засега само се знае дека од неговите седуммина пратеници, 3 ца ќе застанат на страна на Ципрас . Откако во изминатите два дена имаше неколку различни изјави, а денеска се очекуваше да ја напушти Владата, по состанокот со пратеничката група, се огласи преку неговиот официјален Твитер профил.

  • Единствената наша разлика во коалициската влада е името на Македонија. Останатите работи се решаваат парламентарно. Прашање за доверба не постои, освен ако тоа се поврзе со Договорот од Преспа, каде ќе се донесат одлуки од органите на Независни Грци и ќе го известам премиерот, напиша министерот за одбрана.

Каменос денеска го откажа и состанокот со премиерот. Политичкиот врв во Атина е во исчекување да заврши процесот во македонското собрание. Ратификацијата на Договорот од Преспа во Грција ќе започне веднаш по завршувањето на уставните измени, а протоколот за НАТО ќе биде ратификуван подоцна од технички причини.