Завршена реконструкцијата на мостот на истекот на Црн Дрим од Охридското Езеро

Заврши реконструкцијата на мостот со кој се врши регулација на истекот на Охридското Езеро во реката Црн Дрим, проект кој го релизираше компанијата ЕЛЕМ во периодот од декември минатата година.

Проектот, како што информира ЕЛЕМ, се состои од целосна замена на старите талпи со нови со цел поголема безбедност за пешаците, а истовремено ја задржа автентичноста.

Активностите за обновување и зајакнување на мостот почнаа во декември минатата година, но во јануари паузираа поради временските непогоди и екстремно ниските температури. Реконструкцијата е извршена со материјали, кои ќе го задржат неговиот автентичен изглед, а ќе обезбедат безбедност за граѓаните на Струга и на туристите кои го користат овој премин, соопшти ЕЛЕМ.

Проектот за механички испуст на сегашниот регулациски мост е изработен во осумдесеттите години на минатиот век, а последна реконструкција била направена во 2010 година.