Заболувањата на коските и мускулите се’ почести – се набавуваат нови апарати, ама нема кој да работи со нив

Прилепската Болница за потребите на Одделението за физикална терапија каде пациентите за медицински третман чекаат со денови, па и месеци, неодамна набави три, софистицирани апарати, вредни повеќе десетици илјади евра. Според очекувањата на еден од само тројцата лекари-специјалисти, оваа набавка би требало да го скрати времето на чекање за лекување на пациентите кои страдаат од заболувања на коските и мускулите, а чиј број бил во постојан галопирачки пораст.

Тоа ќе помогне за се’ поголем оптек на пациенти кои се’ повеќе и повеќе ги има кај нас, за жал, заради Ковид ситуацијата која што остави потешки последици од аспект на намалување на имунитетот и зголемување на сите овие дегенеративни заболувања“ – вели д-р Благоја Ѓорѓиески, раководител на Одделението за физикална терапија.

И додека како – така, одвреме – навреме во државните болници се набавува по некој современ апарат, хроничниот недостиг од лекари си останува. Во прилепското Одделение за физикална терапија каде доаѓаат пациенти и од неколку поголеми соседни градови, има само тројца специјалисти – физиотерапевти. Ама, за успешна примена на новите апарати, ќе треба нивна извесна дообука.

Имаме искусен кадар и во тек е едукацијата за употребата на овие апарати…Сега засега сме доволно, се надеваме понатаму дека ќе се пратат млади доктори на специјализација со цел да остане во функција ова Одделение, затоа што навистина има потреба заради фрекфенцијата на пациентите кои што доаѓаат тука и се надеваме дека нема да ја доживееме судбината на битолската Болница што остана болницата со само еден доктор, за жал, и тоа е штета голема“, објаснува д-р Ѓорѓиоски. 

Доктор Ѓорѓиоски очекува дека сега со овие апарати, дневно ќе можело да се третираат повеќе од досегашните 160 пациенти и повикува на трпение, бидејќи како што вели, подобро било да се почека на квалитетна терапија со долготрајни ефекти, отколку да се прави нешто само колку да се прави. Ова, секако малку е чудно ако се знае дека болката никој не може да ја контролира според сопствената волја, па за да може да чека и да биде трпелив.

Каролина Дурло

Advertisements