Жителите од Штука и Иловица со жив штит ќе се бранат од изградба на рудник
Полето е нашиот рудник, а земјоделските производи златото, категорични се жителите на селата Штука и Иловица , кои се наоѓаат во подножјето на планината Огражден. Категорични се дека отварање на рудник за злато и бакар на само 500 метри од нивните села, ќе значи еколошка катастрофа за целиот еко систем..
„Тука ние имаме цело поле рудник. Нашата Струмичка котлина е повеќе од рудник. Овде кој ќе дојде со помислата рудник да отворе, верувајте жив нема да си оди. Не сакаме рудници и загадување на нашата околина. Сакаме да имаме здрава котлина и здрав живот за нашите деца. Струмичкиот крај егзистира од земјоделие. На нас овде не ни треба злато, руда да вадат. Земјоделието е злато„ велат жителите на село Штука.
Граѓанската организација „Здрава котлина„ сношти одлучи, на 15јули излегуваат на предупредувачки протест. Истовремено, најавија дека ќе бараат помош од меѓународни институции за да го докажат како што велат криминалното дејствување кое води на чекор до отварање на рудникот Иловица. Според активистите не случајно„Еколог„ која се води за голема успешна компанија, купува акции чија вредност последните неколку години е падната за 300%.
„Да се купат акции од фирма на која и е одземена концесијата и шансите да ги добие дозволите се минимални, е ненормално. Но тоа би го направил секој нормален, ако во ракавот има кец, а тоа е преку ДУИ да успее да издејствува, преку судовите, преку позициите во владата и Министерството за економија да издејствуват спротивни одлуки од досегашното работење„ изјави Костадин Ристоманов од „Здрава котлина„
Се предвидува над Штука и Иловица да биде изградено хидројаловиште,кое при секое поголемо невреме би сеело страв кај месното население. И мештаните и еко активистите долги години водат битка за Струмичката котлина ја спасат од еколошка катастрофа. 2019 Владата тогаш соопшти дека е донесно одлука за раскинување на договорот за концесија, со обрразложение дека инвеститорот во предвидениот рок не поднел барање со комплетна документација за добивање дозвола за експоатација на минерални суровини. Тогашниот премиер Заев тоа го прикажа како голем успех и потврда дека се грижи за здравјето на граѓаните.
Александра Ристевска