Жителите на Гази Баба на протест: Не сакаме Центарот за зависници да биде во населено место во нашата општина

Преместувањето на Центарот за зависници од дрога во населено место во Гази Баба, не е решение порачуваат гневни жителите на оваа скопска општина. Тие започнаа со собирање и на потписи против оваа одлука на Министерството за здравство.

Одлуката Центарот за зависници да се префрли во кругот на фабриката „Металски завод Тито“, го прелеа незадоволството од кај граѓаните на Општина Кисела Вода кај граѓаните на Општина Гази Баба.

Тие порачуваат дека има многу други решенија за локацијата на овој центар, велат дека и така имаат голем број проблеми во овој дел од општината, уште вакво нешто не им било потребно. Нивниот предлог е ваквиот објект да биде на периферијата на градот, надвор од населено место.

Граѓаните велат дека дополнително ги загрижува изјавата на министерот за здравство Венко Филипче, дека градоначалникот Борче Георгиевски веќе дал дозвола центарот да биде во Гази Баба.

-Решавањето на проблемот не е Центарот за зависници од општина Кисела Вода да се донесе во општина Гази Баба. Бараме од градоначалникот на општина Гази Баба, Борче Георгиевски и да застане во одбрана на граѓаните на општина Гази Баба, порача еден од жителите на Гази Баба.

Тие велат дека денешниот собир е само предупредувачки, дека нема да се повлечат додека не се исполнат нивните барања. Како една од идеите која ја дадоа е и распишување референдум во општината.

-Да распише градоначалникот референдум во општина Гази Баба. Ние граѓаните да одлучиме дали ќе се согласиме или нема да се согласиме, порача еден од жителите на Гази Баба.

Алфа телевизија околу овој проблем се обиде да побара став и од градоначалникот Борче Георгиевски, но неговиот телефон беше исклучен.

Матеја Петровски