Животот се поскап – трошоците поголеми за 1,5% за една година

Поскапува живеачката, сиромаштијата се зголемува, трошоците растат – граѓаните се жалат дека едвај врзуваат крај со крај.

Трошоците за живот минатата година пораснаа за 1,5% во споредба со 2017, потврдуваат податоците на Државната статистика. Порасна и индексот на цените на мало за 2,7% што директно удира врз џебот на граѓаните. Пред камерата на Алфа се жалат дека парата губи вредност.

  • Лошо e, вистинска катастрофа, парите не стигаат ама баш за ништо. Со 1.000 денари може да се живее само еден ден, а платата за 5 дена. Ова е неподнослово, се жалат граѓаните пред камерата на Алфа.

Според најновите податоци стапката на сиромаштија во 2017-та достигнала 22.2% и за една година се зголемила за 0.3 процентни поени.

Инаку, 460.000 Македонци живееле под прагот на сиромаштија. Највисока стапка има кај најмладите односно децата до 17 години, изнесувала 29.9%, а најниска кај највозрасните односно постарите од 65 години, изнесувала 16.1%.

Дел од граѓаните и натаму живеат во навистина мизерни услови. Според Државната статистика 3.8% од македонските домаќинства немаат када или туш, а 5.4% имаат само полско WC. 14% од домовите имаат покрив што протекува, влажни ѕидови или искршени и гнили прозорци.

2.7% од семејствата немаат ниту фиксен ниту мобилен телефон, 0.8% немаат телевизор, 29.4% немаат компјутер, 3.8% немаат машина за перење, а 36.2% немаат автомобил.

Борис Грујоски