Живко Митревски: „Дарко Димовски не е легитимен претседател на ССМ“

   Актуелниот претседател на ССМ, Дарко Димовски е нелегитимен и со своето делување прави огромна штета и на државата, и на платната политика, но и на интересите на работниците и нивното синдикално здружување. Тој, уште пред шест години е избран од државен орган на нелегитимен начин, кој е спротивен на темелната Конвенција 87 за слобода на синдикално здружување, за што веднаш реагираше и светската Федерација на синдикати, која бараше итно бришење на Димовски од Централен регистар и останување на Живко Митревски, што до ден-денес не е случено, тврди за Алфа, екс-претседателот на ССМ, Живко Митревски.

   „Првото решение со кое фактички беше извршена промената на техничката министерка Ременска е потпишано само од нејзина страна, а не и од заменскиот министер. Ние имавме случаи кога за едни слични вакви состојби, Управниот суд ги поништи сите дваесет и повеќе решенија на МВР, а исто имавме и случај каде што 25 решенија од МТСП беа поништени токму заради оваа околност што беше потпишан управниот акт само од техничкиот министер, но не и од заменскиот“, – објаснува Живко Митревски, екс-претседател на ССМ.

    Митревски вели дека уште тогаш го утужил ваквиот нелегитимен избор на Димовски и Вишиот управен суд донесол пресуда со која го прифатил неговото тужбеното барање, но таа пресуда до денес не била извршена.

  „Дојдовме и до нови докази кои ќе ги презентираме идната недела, каде што сите 14 гранкови синдикати, од вкупно тогаш 18, со потпис и печат и со јасно изјаснување кажуваат дека таков состанок за промена на Митревски никогаш не бил одржан, туку врз основа на еден некој си ручек таму, направен е некој акт кој е спротивен  и на Статутот на ССМ, спротивен и на закони, спротивен и на Законот за Централен регистар, кој морал да води сметка за несоодветниот упис“, – објаснува Митревски.

  Според Митревски, целата оваа состојба на некој начин го доведува во прашање и легитимитетот на престојниот штрајк на ССМ, закажан за 22-ри јуни. Тој се сомнева дека Димовски воопшто прави некакви договори со Владата кои би биле од полза на работниците.

  „Јасно е дека нема таков договор во врска со зголемување на платите, не е потпишан ниту некаков акт, ниту спогодба. Исто така Димовски наместо да се распарава со партиите, наместо да се расправа со целокупната опозиција, треба да даде сериозен одговор зошто нема потпишан колективен договор во приватен и јавен сектор, зошто не бара примена на колективните договори, зошто не бара скалесто зголемување на платите, зошто прави тотално рушење на платната политика во државата“, – прашува Митревски.   

 „Наместо да дава изјави во кафеани на Охридското Езеро и да го носи во заблуда членството, Димовски требаше да излезе со програма за излез од кризата и за помош на работниците“, – дециден е Митревски и додава дека Димовски тотално го узурпирал првото синдикално столче. Затоа митревски бара надлежните институции итно да стават крај на ова комплетно изигрување на правото и законите во Македонија.

Каролина Дурло

Advertisements

Поврзани вести