Не престануваат жестоките реакции за новиот Закон за плати во јавниот сектор. Од Сојузот на синдикати реагираат дека тој е неуставен и незаконски и Владата планира да го донесе за да го отстрани мислењето на синдикатите и да го сопре социјалниот дијалог. Од ССМ бараат тој да се повлече и доработи, за да се заштитат правата на работниците. Синдикатот стравува дека со новиот предлог закон се овозможува Владата, односно министерот за финансии да ги менува, односно намалува платите како што сака.

Реакции и од СОНК. Оттаму велат дека со овој закон се рушат сите тешко постигнати колективни договори. За СОНК  е тежок удар тоа што една социјалдемократска влада се обидува на ваков начин да го уништи синдикалното движење. Тврдат дека никој не ги консултирал при изработката на новиот закон.

Во меѓувреме, владата не пропушти да се пофали дека годинава ќе зголемува плати во јавниот сектор. Сепак, буџетот предвидува тоа да биде селективно. Вработените во министерството за финансии ќе добијат за третина поголеми плати, а високо покачување ќе имаат и оние во одбрана и образование и наука. Другите плати ќе стагнираат, а со новиот закон синдикалците стравуваат дека можат и да одат надолу.

Тања Попова

Advertisements