Жестока расправа за ребалансот на буџетот во Собранието

Жестока расправа за ребалансот на буџетот во матичната комисија за финансирање и буџет во Собранието. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија власта дека додека народот е се посиромашен, антикризни мерки нема, а инфлацијата галопирачки расте. Обвинија дека државата е на раб на банкрот, а економијата разрушена. Се сомневаат дека капиталните инвестиции кои и онака се скратени, ќе се реализираат. Алармираат дека буџетот не е реален и ќе мора да има уште еден ребаланс до крај на годината.

„Не знам како планирате да им помогнете на граѓаните во Р.Македонија во услови на вака поскапени цени, на троцифрена цена на горива инфлација која во мај е 12 проценти, а во јуни сигурно ќе биде над 15 проценти со 75 милиони евра за кои што декларативно велите кај најранливите но дали тие средства ќе завршат како средства за ликидна стабилност на ЕЛЕМ“, рече Бојан Стојановски, пратеник од ВМРО- ДПМНЕ.

Пратениците од власта се правдаат дека ценовниот балон нема да пукне, државата ќе помогнела во борбата со инфлацијата со 76 милиони евра антикризни мерки . Се пофалија дека јавниот долг бил намален на 55% од БДП, додека опозицијата обвинувала дека Владата само се задолжува, а не и дека враќа долгови.

„Немате аргументи и ние ќе си ја кажуваме правата вистина јас мислам дека сакате да јавате на бранот на незадоволства на покачување на цените и ние јавно ќе ви кажеме не можеме да кажуваме ниту да ниту не зошто знаеме дека се покачени прехранбените производи и тука сме да разговареме зошто е тоа така“, рече Диме Велков, СДСМ.

Во експозе до пратениците, министерот за финансии Фатмир Бесими посочи дека Владата доволно скратила од непродуктивните трошоци и дека е задоволен од тоа како се полнела државната каса.

„Износот од 54,5 милиони денари заедно со долгот кои што треба да се врати оваа година ќе се финансира од внатрешни кредити и заеми и надворешни заеми. Со ова ќе се овозможи да се финансираат идните пакети за справување со кризните состојби, продолжува таргетината помош за граѓаните, и ребалансот ќе биде одговор и на антикризното зголемување на минмалната плата, пензиите и социјалните трансфери и субвенциите на земјоделците“, рече Бесими.

Министерот се пофали дека јавниот долг бил намален на 55%, и покрај обвинувањата дека тој не е намален во апсолутен износ, туку е ефект на високата инфлација. Рекордно големиот ребаланс на буџетот „тежи“ 4,7 милијарди евра. Ќе се потрошат плус 260 милиони евра, а ќе се соберат 112 милиони евра повеќе во државната каса. Владата проектира дека дека економскиот раст ќе достигне 3,2%, инфлацијата над 7%, а дефицитот 5,3% Расправата во комисијата за финансирање ќе трае 10 дена, по што ребалансот ќе биде на главна седница најмногу 5 дена. Преатениците поднесоа 204 амандмани – 174 поднесе ВМРО-ДПМНЕ, 28 Алијанса за Албанците и два СДСМ.

Тања Попова